Проект “Заедно за успех” – инфо ден за грантовата шема, 15.12.2016, Тетово

На 15.12.2016та година во просториите на Netting School во Тетово се одржа вториот по ред инфо ден за грантовата шема достапна за младинските граѓански организации во рамки на проектот “Заедно за успех: младите претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи”. На настанот што го организираше Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, свое обраќање и претставување на грантовата шема имаше г-динот Александар Филипоски од Фондацијата Претприемачки сервис за млади, менаџер на проектот.

Претставниците од граѓанскиот сектор од регионот на северозападна Македонија имаа можност директно да се запознаат со можностите што ги нуди грантовата шема во рамките на отворениот повик за поднесување на предлог проекти. Деталите околу самиот повик може да се најдат на следниот тука.

Објавен повик за грантови на граѓански организации во рамки на проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“

Грантовата шема во рамките на проектот „Заедно за успех“ се фокусира на зајакнување на соработката меѓу целните групи на проектот (граѓански организации, млади претприемачи и единици за локална самоуправа) на локално ниво со цел промовирање на младинското претприемништво, со посебен акцент на немнозинските групи во општеството, како заедничка платформа за унапредување на меѓуетничките односи. Како основа за идентификување на темите земени се Акцискиот план на Мрежата за поддршка на младинското претприемништво (Приоритетна област 4: Стимулирање и поддршка на претприемништвото кај младите од немнозинските етнички групи), како и препораките од Мултиетничката истражувачка студија за младинско претприемништво.

Приоритетни теми
1. Подобрување на условите за развој на претприемништвото
2. Интегрирање на претприемачи од немнозински етнички заедници во програми за поддршка и вмрежување

Вкупен фонд и големина на грант
Грантовата шема има вкупен фонд од 2.882.271 денари, додека пак максималниот износ по поединечен грант е 320.252 денари. Грантовата шема е отворена за граѓански организации, при што во истата ќе бидат вклучени најмалку 18 граѓански организации.

Времетраење на проектите
Предлог-проектите треба да бидат со максимално времетраење од 6 месеци и да се имплементираат во периодот март – август 2017 година.

Критериуми за апликанти
Право на учество на повикот како апликанти имаат граѓански организации кои:

  • се регистрирани како здруженија или форми на нивно здружување согласно Законот за здруженија и фондации,
  • се основани најмалку две (2) години од датумот на објавување на овој повик, – имаат спроведено активности во областа на младинското претприемништво или економско јакнење на младите лица,
  • имаат организациски капацитет,
  • се одговорни за подготовка и менаџирање на проектната активност

Апликантот треба да го имплементира предлог-проектот во соработка со најмалку 1 (еден) ко-апликант кој мора да ги исполнува истите критериуми како горенаведените услови за апликантот. Граѓанската организација ко-апликант треба да е активна на полето на унапредување на меѓуетничките односи и/или да обезбедува поддршка на млади претприемачи од етничка заедница различна од онаа што ја адресира апликантот.

Поднесување на апликации
Апликациониот пакет се доставува само по електронски пат на адресата: info@yes.org.mk. Рокот за доставување е 20.01.2017 година. Апликациите испратени после предвидениот рок нема да бидат прифатени.

Инфо денови
Скопје – 13 декември
Тетово – 15 декември
Битола – 19 декември
Штип – 20 декември

Пријава на следниов линк https://goo.gl/SA9Kly

Документи за преземање
Повик за грантови за граѓански организации (целосен текст)
Акциски план на Мрежата за поддршка на младинско претприемништво
Прилог 1 – Образец за пријавување
Прилог 2 – Предлог буџет

 

Enterprise Europe Network – 7ми состанок на Секторската група „Женско претприемништво“, Братислава – Словачка (16.11.2016)

Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување учествуваше на 7миот состанок на Секторската група „Женско претприемништво” (WEG) што се одржа во Словачката Бизнис Агенција на 16ти ноември 2016та година, во рамките на Годишната конференција на Enterprise Europe Network во Братислава, Словачка. Членовите на WEG заедно со гостите претставници од Генералниот директорат на Европската комисија за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија (DG Grow) и од европските платформи за промоција на женското претприемништво (WINGS, WEgate, WE CONNECT) дискутираа за новите иницијативи на Европската комисија за поддршка жените во бизнисот.

Г-динот Patrick de Smedt, заменик-шеф на оддел при DG Grow, го претстави новиот повик за пилот проекти наречен „Зголемување на учеството на жените во МСП Инструментот на Хоризонт 2020” што се очекува да биде објавен до крајот на 2016та година. Повикот со вкупен фонд од 500.000 евра има за цел да поддржи два проекти на конзорциуми составени од партнери од најмалку 4 ЕУ земји што претставува одлична можност за WEG.

На состанокот подетално беа претставени и горенаведените платформи за поддршка на женското претприемништво – Wegate од страна на г-ѓа Sandra Steinhauer од DG Grow, и WINGS  од страна на г-ѓа Sandra Meier, Универзитет за применети науки од Грац, Австрија. При тоа, беше нагласено значењето на поврзување на WEG организациите со наведените платформи, како и нивната промоција помеѓу жените претприемачи. Ова беше истакнато и од г-ѓа Miriama Letovanec Svetkovska, претседателка на Словачката платформа за женско претприемништво, која исто така даде преглед на позицијата на платформата во националниот екосистем за поддршка, нејзините активности и иницијативи, како и на т.н „Бела книга“ на добри пракси од различни земји од светот.

Членовите на WEG дискутираа за направениот напредок, го договараа новиот концепт на дејствување и активностите што треба да бидат завршени до следниот состанок на групата, вклучувајќи активности за зголемена видливост, настани за вмрежување на жените претприемачи, собирање на добри пракси, и сл. Состанокот беше заокружен со претставување на новите членови од Велика Британија, Шведска и Турција, а вмрежувањето продолжи и во текот на приемот организиран од страна на Словачката Бизнис Агенција.

УСПЕШНА ПРИКАЗНА – Постигнато стратешко партнерство за пристап до европските истражувачки програми со поддршка на Enterprise Europe Network

ИКТ секторот е еден од главните контрибутори кон иновациите и растот како на македонската така и на севкупната европска економија. Но воедно овој сектор се соочува и со низа предизвици, вклучувајќи ја и потребата за интензивирање на развојно-истражувачките активности на компаниите.

Една од компаниите во Македонија која своето работење и конкурентска предност ги заснова токму на развој на иновативна решенија е 4Virtus, компанија развивач на софтвер со експертиза во областа на веб решенија, мобилни апликации, „Интернет на нештата” решенија и дигитални маркетинг услуги. 4Virtus со добиени повеќе интернационални награди и признанија изминатите години, веќе се етаблира како пример за иновативна и успешна ИТ компанија во Македонија. Заради понатамошно искористување на иновативниот потенцијал и зголемување на активностите на странски пазари, 4Virtus е ценет клиент на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, една од 600те членки на најголемата мрежа за поддршка на МСП присутна во 66 земји – Enterprise Europe Network (http://een.ec.europa.eu/).

„Ние им помагаме на МСП при комерцијализацијата на нивните иновативни решенија преку советодавни услуги, барање на странски партнери и пристап до програми за истражување и развој” – објаснува Александар Филипоски од Enterprise Europe Network во Македонија. На клиентите на мрежата им се нудат бројни услуги за поддршка вклучувајќи асистенција за учество во ЕУ проекти, посредување при наоѓање на странски деловни партнери за бизнис соработка, трансфер на технологии и истражувачки проекти, како и организирање на едукативни и б2б настани.

4Virtus со поддршка на мрежата во октомври 2015 година зеде учество на Брокерскиот настан SICILY4EXPO во Милано, Италија каде што оствари бројни средби со компании од различни делови на Европа. Една од компаниите беше и PFM SRL, италијанска компанија што делува на полето на е-учење, технологии за управување на знаење и семантички веб сервиси. Нивната средба во рамките на настанот беше само почеток на она што денес израсна во стратешко партнерство за пристап до европските фондови наменети за истражување и развој на МСП. Без претходно искуство во дадената област, 4Virtus побара од италијанската компанија да го предводи процесот за подготовка на проект, вклучувајќи и креирање на тим на соработници, а со кој заедно аплицираа во рамки на МСП Инструментот како дел од Хоризонт 2020, најголемата програма за поддршка на истражувањето и развојот во Европа.

„Благодарени на Enterprise Europe Network добивме можност да најдеме нов стратешки партнер кој ни отвори нови хоризонти во работењето. Претходно не размислувавме и не бевме целосно свесни за можностите за пристап до нови меѓународни пазари со поддршка на програмите на ЕУ”, изјави Игор Христов, основач и директор на 4Virtus.

Мултиетничка истражувачка студија за младинско претприемништво

Во рамки на проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“ беше спроведена мултиетничка студија која за првпат промовира истражување на различни претприемачки аспекти на национално ниво, а со посебен акцент на меѓуетничките тенденции и ставови. Како таква, студијата и нејзините пронајдоци се од огромна важност за подобро насочување на идните активности на граѓанските организации и единиците на локална самоуправа на полето на меѓуетнички односи и младинско претприемништво.

Истражувачката студија е на македонски и албански јазик е достапна во продолжение:

истражувачка студија_МК

истражувачка студија_МК

Проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“ има главна цел да придонесе кон развојот на мултикултурната демократија и стабилност преку зголемување на капацитетите на младинските граѓански организации и младите претприемачи од различни етнички групи. Проектот е имплементиран од партнерските организации Фондација Претприемачки Сервис за Млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Фондација Евро Центар и ЗГ Милениум.
Проектот е финансиран од Европската Унија.