Завршна конференција на проектот „Заедно за успех“

На 19ти декември со почеток од 11 часот во хотел Холидеј Ин,Скопје (сала Милениум 2) ќе се одржи завршната конференција на проектот „Заедно за успех: млади претприемач, движечка сила за добри меѓуетнички односи“, финансиран од Европска Унија.

Проектот кој започна со имплементација во февруари 2016 година придонесе кон развојот на мултикултурната демократија и стабилност преку унапредување на капацитетите на младинските граѓански организации и младите претприемачи од различни етнички заедници. Дел од реализираните активности се состоеа од: спроведена мултиетничка студија за младинско претприемништво која ги истражи потребите за поддршка, меѓуетничко вмрежување и претприемачка мотивација на млади претприемачки од различни етнички групи; организација на 3 мултиетнички кампови за младинско претприемништво каде учество земаа млади претприемачи, граѓански организации и претставници од единиците на локалната самоуправа; финансирани 9 локални акции реализирани од граѓански организации; реализирана промотивната кампања „И јас сум претприемач“ проследена со организација на 6 настани и креирање на документарно видео.

Завршната конференција ќе ги собере заедно сите партнери на проектот кои во текот на изминатите две години работеа на реализирањето на предвидените активности со цел да ги споделат и оценат резултатите од целиот проект. Учеството на конференцијата е отворено за сите заинтересирани кои имаат интерес од областите на младинското претприемништво и меѓуетничките односи.

За да се пријавите потребно е да ја пополните следнава форма најдоцна до 8ми декември

 https://goo.gl/yP1q86

Драфт агенда

10:30 – 11:00 Регистрација на учесници
11:00 – 11:20 Поздравен говор, презентација на резултатите од проектот
11:20 – 11:40 Прикажување на документарно видео од кампањата „И јас сум претприемач“
11:40 – 13:10 Презентација на резултатите од финансираните локални акции на граѓански организации
13:10 – 13:30 Отворена дискусија
13:30 – 14:30 Коктел

Проектот е имплементиран од: 

Мотивациски настан за претприемачи и премиера на првиот документарен филм посветен ним и на мултиетничката соработка во претприемништвото – „И јас сум претприемач“

 

На 13-ти ноември 2017, во Кинотеката на Македонија, во Скопје, се одржа мотивациски настан посветен на претприемачите, за време на кој премиерно беше прикажан документарниот филм „И јас сум претприемач“. Филмот е дел од истоимената кампања за зголемување на мултиетничката соработка преку промоција на претприемништвото, вмрежување и споделување успешни локални искуства од целата земја. Настанот со наслов „Зошто претприемачите се посебни?” воедно е дел од Глобалната недела на претприемништво 2017.

Премиера ја проследија повеќе од 70 млади луѓе, претприемачи, претставници на граѓанскиот сектор и релевантни институции за поддршка на развојот на претприемништвото. Во снимањето на филмот, пак, учествуваа 11 претприемачи од различно етничко потекло, и 10 претставници на граѓанскиот сектор кои спроведоа локални акции за нивна поддршка. Сите активности се дел од проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“, финансиран од Европската унија.

Настанот, кој го организираше Фондацијата МИР, партнер во проектот „Заедно за успех“, е трет од серијата шест настани за вмрежување – дел од кампањата „И јас сум претприемач“, кои се одржуваат до крајот на 2017 година. Досега се реализираше трибина „Промоција на мултиетничко претприемништво – И јас сум претприемач“, форум „Мерки за поттикнување на претприемништвото кај немнозинските етнички групи“ организиран во соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Следува настан посветен на женското претприемништво и два бизнис-кафе настани.

Проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи” e финансиран од Европската унија, a го имплементираат Фондација Претприемачки сервис за млади (Фондација ПСМ), Фондација за Менаџмент и индустриско истражување (Фондација МИР), Фондација Евро Центар и Здружение на граѓани Милениум.

Повик за доделување на грантови на граѓански организации

ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ГРАНТОВИ НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ
од областа на преговарачкото поглавје 20 за членство
во ЕУ – Претпријатија и индустриска политика

Грантовата шема има за цел да обезбеди поддршка на активностите на граѓанските организации вклучени во различни аспекти од Поглавје 20 (унапредување на деловен амбиент, поддршка на МСП и иновации, пристап до финансии, секторски политики, странски инвестиции, кластеринг, и слично). Преку имплементација на грантовата шема, целта е да се придонесе кон зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање и следење на политики и за поддршка на реформите во Поглавје 20, како и да се промовираат нови пристапи, механизми и инструменти од областа на претприемништвото и индустријата на локално и национално ниво. Воедно, ќе се придонесе кон зголемувањето на свеста за важноста на Поглавје 20 во процесот на пристапување кон ЕУ.

Грантовата шема се реализира во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20 (YESNetwork+)“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2015.

Приоритетни области:

а) Принципи на Претпријатија и индустриска политика

  • Приоритет 1: Подобрување на деловната клима за креирање на нови бизниси
  • Приоритет 2: Подобрување на дијалогот со бизнис заедницата

б) Инструменти на Претпријатија и индустриска политика

  • Приоритет 3: Подобрување на конкурентноста и иновативноста на МСП
  • Приоритет 4: Обезбедување подобар пристап на МСП до финансиски услуги

в) Секторски политики

  • Приоритет 5: Анализа на специфични сектори
  • Приоритет 6: Унапредување на капацитетите за креирање, имплементација и следење на програмите за туризам

Финансиска рамка на повикот

Грантовата шема има вкупен фонд од 3.688.866 денари (60.000 евра). Максималниот износ за грант спроведуван на локално ниво изнесува 307.405 денари, а за грант спроведуван на национално ниво изнесува 614.811 денари. Најмалку 8 проекти ќе бидат поддржани преку грантовата шема (4 на локално ниво и 4 на национално ниво).
Поднесување на апликации

Апликациониот пакет се доставува само по електронски пат на адресата: info@yes.org.mk  Рокот за доставување е 04.12.2017 година. Апликациите испратени после предвидениот рок нема да бидат прифатени.

 
Информативна сесија

За заинтересираните кандидати, ќе биде организирана информативна сесија „Инфо ден“ за овој повик, на 15-ти ноември, во хотел Бест Вестерн во Скопје, со почеток од 12.00 часот.

Пријавување за „Инфо ден“ на следниот линк https://goo.gl/31rbc1.

 
Документи за преземање

За дополнителни информации може да се обратите на info@yes.org.mk или 02 3108 891.

Enterprise Europe Network – Започна со работа платформата за градење на национален екосистем за развој на стартап компании

 

Во рамки на програмата “EEN-ScaleUP – Забрзување на интернационалниот раст на младите МСП од Македонија” започна со работа националната платформа за поддршка на конкурентноста, иновативноста и интернационализацијата на стартап компаниите од Македонија што поседуваат силен потенцијал за раст и развој. Платформата има за цел да го олесни пристапот на македонските компании до програмата EEN-ScaleUP преку соработка, заеднички иницијативи и размена на информации меѓу клучните чинители на полето на поддршка на иновативни, технолошки старт-ап компании во Македонија.

Програмата EEN-ScaleUP започна во јуни 2017та година и ќе трае 18 месеци, а во рамки на истата македонските стартап компании добиваат специјализирани советодавни услуги за пристап до финансии и пазари, учествуваат во тренинг програми за унапредување на своите вештините, а ќе имаат и можности за креирање на партнерства со компании од над 50 земји во кои делува Enterprise Europe Network.

Програмата е поддржана од Европската Унија, а се имплементира од страна на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.