Со успешни мултиетнички социјални бизниси до нови решенија за локалните предизвици

На 25.04.2017 (вторник), во просториите на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, се одржа претпоследната од серијата работилници – „Нацртај ја идејата и бизнисот“, како дел од програмата Solve it! – Школа за социјално претприемништво во организација на Младиинфо Интернационал. Школата им овозможи на учесниците да се запознаат со концептот на социјалните бизниси, да ги развијат своите идеи за формирање социјално претпријатие и да го применат нивниот потенцијал за решавање на идентификувани проблеми во општеството.

Овој настан е дел од истоимениот проект „Solve it! – Школа за социјално претприемништво“, субгрантиран во рамки на јавниот повик за финансирање проекти на граѓанските организации во областа на унапредување на меѓуетничката соработка и младинското претприемништво, објавен преку проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“, финансиран од Европската унија преку програмата ИПА – Инструмент за граѓанско општество и медиуми 2014.

Групата од 20-тина студенти и млади луѓе во најголем дел од скопските општини Гази Баба и Чаир, меѓу кои припадници на етничките малцинства кои живеат во овие општини, работеше на подготовките за презентација на нивните идеи за социјален бизнис преку модел на бизнис канвас. На шестата по ред работилница учествуваа и претставници на Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување, која ја мониторира работата на Младиинфо Интернационал во рамки на субгрантираниот проект. Фондацијата е дел од проектниот конзорциум кој го спроведува проектот „Заедно за успех“.

Развиените идеи ќе се презентираат на завршната (седма) работилница која ќе се одржи на 03.05.2017 (среда) од 16:30 до 20:00 часот во Универзитетот „Мајка Тереза“ каде учесниците ќе можат да остварат контакти со експерти, како и да се вмрежат и со релевантни чинители. Сите идеи за социјални бизниси воедно ќе имаат можност да земат учество во натпреварот Награда за социјално претприемништво – Social Impact Award 2017.

Повеќе за останатите локални акции финансирани од Европската унија, преку грантовата шема на проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“, може да дознаете на следниот линк:

http://www.yes-network.org/vest-statija/45682/dodeleni-deset-grantovi-preku-povikot-za-finansiranje-na-gragjanskite-organizacii-vo-ramki-na-proektot-zaedno-za-uspeh