Склучен договор за соработка помеѓу Стопанска комора на Македонија – Турција и Enterprise Europe Network во Македонија

На 17ти октомври 2019 година во просториите на Стопанската комора на Македонија – Турција беше потпишан договор за соработка со Enterprise Europe Network во Македонија.

Претставникот на мрежата, Александар Филипоски, ги презентираше можностите за интернационализација кои се нудат преку сервисите на мрежата и се достапни за македонски мали и средни претпријатија.

Компаниите кои беа присутни на презентацијата покажаа особен интерес за настап на странски пазари преку наоѓање партнери за соработка во земјите каде мрежата е застапена.

 

EДЕН РЕГИОН – ЕДНА МРЕЖA

Одржана 11-та регионална конференција на Enterprise Europe Network во Белград, Србија


На 11 и 12 септември 2019 г. во Белград се одржа регионална конференција на Enterprise Europe Network со претставници од Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија, Србија и Црна Гора.

За време на дводневната конференција претставниците од регионот имаа можност да разменат искуства како и да дефинираат начини за интензивирање на регионалната соработка со цел подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија.

На конференцијата беа организирани панели, работилници и презентации на најдобрите практики од земјата и регионот.

Македонија ја претставуваа членовите на Enterprise Europe Network при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Стопанската Комора на Македонија и Фондација за Менаџмент и индустриско истражување. Како добра практика беше презентирана мобилната апликација „ИноБиз“ која има за цел да им помогне на македонските компании да пронајдат странски партнери за бизнис соработка, трансфер на технологии и учество во проекти за истражување и развој.

Enterprise Europe Network е најголемата мрежа за поддршка на малите и средни претпријатија основана со мисија да им помогне во областа на интернационализација, стандардизација, иновации и усогласеност со правилата на пазарот на ЕУ.

Конференцијата ја отворија:

  • г-дин Немања Зугиќ – Заменик претседател на Стопанската Комора на Србија
  • г-дин Бранимир Стојанович – Државниот секретар во Министерството за економија
  • г-дин Виктор Недович – Државен секретар во министерство за наука и технолошки развој
  • Г-дин Steffen Hudolin – Раководител за операции – Дел II од Делегацијата на ЕУ во Србија

Потпретседателот на Стопанската комора на Србија, Немања Зугиќ, зборуваше за резултатите кои Enterprise Europe Network ги има постигнато и издвои дека во изминатите  11 години повеќе од 17.000 мали и средни компании ги користеле услугите на  мрежата.

Во вториот дел од регионалната конференција свое излагање имаа претставници од Европската Комисија и тоа:

  • г-дин Giacomo Mattino – Раководител на одделение – Enterprise Europe Network
  • г-ѓа Natalia Martínez Páramo – Раководител на програмата на ЕУ за конкурентност на мали и средни претпријатија (COSME) при Европската агенција за мали и средни претпријатија (EASME).
  • г-ѓа Muriel De Grande – Раководител на сектор за мониторинг и евалуација (EASME)

Во овој дел беше презентирана визијата на мрежата, нејзините перформанси и  достигнувања. Г-дин Giacomo Mattino потенцираше дека, предизвиците за реализација на визијата EEN се однесуваат на поставување на клиентот во центарот на услугата, обезбедување на најдобра можна услуга, позиционирање и постигнување поголема видливост на мрежата во Европа, вклучително и во регионот и одговарање на новите случувања и политички приоритети.

Понатаму, во рамки на конференцијата компании од Србија презентира постигнати резултати кои се резултат на услугите од мрежата.  Во презентациите на компаниите беа спомнати успешни приказни преку поврзување со странски компании, учество на настани за вмрежување како и вклучување во програми за истражување и развој финансирани од европските фондови.

Во четвртиот дел од конференцијата имаше панел дискусија насловена „Програма Еразмус за млади претприемачи“ . Учесниците во оваа панел дискусија ги споделија своите бизнис достигнувања, воедно го споделија своето и искуство со различни стејтхолдери во сферата од својот бизнис.

Во рамки на програмата, претставниците од мрежата во регионот имаа можност да презентираат добри практики од своето работење со компаниите.  

Емилија Митевска од Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување како добра пракса ја презентираше мобилната апликација „ИноБиз“.  Со користење на мобилната апликација компаниите имаат можност да бидат во тек со сите случувања во областа на иновациите и технолошкиот развој, да добиваат известувања за отворени повици за финансирање, барања од странски компании за соработка како и можности за учество на конференции и настани за вмрежување.

Конференцијата беше затворена со посета на научно-технолошкиот парк Белград кој воедно е и најголем високо-технолошки центар во Србија.

Можност да се поврзете со успешни бизниси предводени од жени низ цела Европа

 

Секторската групата за женско претприемништво како дел од мрежата Enterprise Europe Network ги поддржува и ги оспособува жените во бизнисот, ja гради и ja зајакнува нивната мрежа низ сектори, преку границите во Европа и во светот. Голем број на активности и акции се започнати со цел да се охрабрат жените претприемачи да започнат свој сопствен бизнис и да поддржуваат нови претпријатија со менторски шеми.

Активности на секторската група:

Улогата на секторската група за женско претприемништво е да даде активен придонес преку обезбедување конкретни услуги за поддршка создавајќи врски со постоечки иницијативи за промовирање на женското претприемништво и aктивности за поддршка на бизнисот во мрежата и иновации.

Назначеноста на групата вклучува:

  • Обезбедување услуги за деловно партнерство и иновации во контекст на WE;
  • Вклучување на концептот на женското претприемништво во другите активности на Еnterprise Europe Network                              (https://een.ec.europa.eu);
  • Идентификација и проширување на постојната експертиза во областа на WE;
  • Помош на жените претприемачи во приклучувањето на постоечките мрежи или програми за поддршка за женско претприемништво (пристап и поддршка/финансирање)

Овој е-каталог на бизнис профили содржи многу успешни приказни на бизнисите предводени од жени низ цела Европа. Ова издание има за цел промоција на профилите за соработка на високо ниво поддржани од секторската група за женско претприемништво и инспирација на повеќе жени да се насочат кон остварувањето на нивните идеи и бизнис планови.

Каталогот може да го најдете на следниот линк: каталог-женско претприемништво

 

 

ФИНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА “ВАЖНОСТА НА ПОГЛАВЈЕ 20 ЗА ПРОЦЕСОТ НА ПРИКЛУЧУВАЊЕ КОН ЕУ”

 

 

На 08-ми мај со почеток во 11:30 часот во хотел „Солун“ во Скопје ќе се одржи финална конференција на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на поглавје 20“, финансиран од Европската унија.

Целта на финалната конференција е да ги сумира резултатите и придобивките од проектот, како и да придонесе за промоција на Платформата поглавје 20. Дополнително, на конференцијата ќе биде промовиран и ресурсниот центар www.poglavje20eu.org како и креираните едукативни видеа, прирачници и документи за политики кои ќе бидат достапни во печатена форма. На конференцијата со индивидуални презентации ќе настапат и граѓанските организации (регрантисти) – имплементаторите на осумте национални проекти кои беа финансирани преку грантовата шема на проектот.

Учеството на конференцијата е отворено за сите заинтересирани кои делуваат во областите на преговарачкото Поглавје 20 или се активни чинители во реформскиот процес на поглавјето.

Регистрација на учесници на следниот линк, најдоцна до 05.05.2019.
Агенда за конференцијата.

Проектот кој започна со имплементација во мај 2017 година, придонесе да се постигне координација помеѓу граѓанските организации во реформскиот процес за Поглавје 20, да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации за креирање на политики, вмрежување и следење на политиките за Поглавје 20 на национално и локално ниво, да се подобри координацијата и трансферот на знаење помеѓу граѓанските организации и останатите релевантни чинители како и да се подигне свеста за значењето на Поглавје 20 за целокупниот напредок на земјата кон ЕУ . Проектот е имплементиран од Фондација за Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и Здружение за рурален развој „Јавор“.

Контакт информации:
Маја Лукарова, maja.lukarova[AT]yes.org.mk, +389 70 233 785, +389 2 3103 660
Софија Цали Кузманова, sofija.cali[AT]yes.org.mk, +389 76 468 031, +389 2 3108 891

Отворени информативни денови за конкурс „Иновативно претпријатие на годината“

Фондацијата Претприемачки Сервис за Млади организира информативни настани за избор на „Иновативно претпријатие на година“, дел од проектот „Јакнење на капацитетите на малите и средни претпријатија преку подобрена поддршка за иновации“.

Информативните настани ќе се одржат на следниве датуми:
– 5ти април – Штип
– 10ти април – Скопје
– 12ти април – Охрид

Националниот конкурс „Иновативно претпријатие на годината“ е признание кое се доделува на иновативни македонски претпријатија кои успешно лансирале иновација во своето работење. Конкурсот има за цел да промовира успешни бизнис модели и достигнувања базирани на иновации и нови технологии од македонски компании во сите индустриски сектори. Овој конкурс ги препознава и наградува иновативните компании кои имаат развиено нови или значително подобрени производи, услуги и/или процеси во изминатите три години (2016, 2017 и 2018 година).

На информативните настани компаниите ќе можат да дознаат повеќе информации за начинот на аплицирање, правилата и условите на конкурсот.

Агенда
12:00 – 12:30 Регистрација на учесници
12:30 – 12:50 Презентација на проектот „Јакнење на капацитетите на малите и средни претпријатија преку подобрена поддршка за иновации“
12:50 – 13:10 Презентација на правилата за аплицирање на конкурсот „Иновативно претпријатие на годината“
13:10 – 13:30 Прашања од публика
13:30 – 14:00 Коктел

Сите заинтересирани компании треба да се регистрираат на следниов линк