Posts

Компанијата „ММ Дисоски“ како дел од програмата EEN-ScaleUP

 

ММ Дисоски, компанија за развој на софтвер и онлајн маркетинг, е дел од scale-up програмата на мрежата Enterprise Europe Network во Македонија (EEN-ScaleUP) од октомври 2017та година. Компанијата обезбедува креативни решенија од областа на веб дизајнот, мобилните и веб апликации и интернет промоцијата. Континуирано работи на развој на нови, сопствени продукти вклучувајќи едукативен софтвер и интернет пребарувач за деца, различни мобилни апликации – за преглед на дневен печат, пронаоѓање на сервисни услуги за автомобили, за онлајн маркетинг, и слично.  Како дел од програмата EEN-ScaleUP, беше направена проценка на потребите на компанијата и подготвен е акционен план за интернационализација и пристап до извори на финансирање, вклучувајќи советодавни и партнерски услуги. Компанијата учествуваше во настани за градење на капацитети што овозможија обезбедување на грант за развој на нов производ, а континуирано се работеше и на барање на партнери за олеснување на настапот на нови, странски пазари.

Enterprise Europe Network ми помогна да ги идентификувам вистинските финансиски инструменти за потребите на нашата компанија. Добивме и стручна помош за подобро дефинирање на нашиот пристап кон управувањето на интелектуалната сопственост на компанија. И најважно, мрежата ни помогна да најдеме странски партнер којшто не само ќе ни овозможи пристап до ЕУ пазарот, туку и ќе овозможи проширување на портфолиото на нашите продукти и услуги“ – изјави г-ѓа Валентина Дисоска, управител на компанијата и истакната жена претприемач.

 

Јована Филиповиќ, моден дизајнер и жена претприемач (EEN-ScaleUP)

 

Јована Филиповиќ, моден дизајнер и жена претприемач, е дел од scale-up програмата на мрежата Enterprise Europe Network во Македонија (EEN-ScaleUP) од октомври 2017та година. Нејзината компанија речиси веднаш стана препознатлива благодарение на нејзиниот талент и примената на иновативни методи на работа. Компанијата е добро позната по својот бренд, кој нуди удобна и модерна облека препознатлива по својот чист и минималистички дизајн. Како дел од програмата EEN-ScaleUP, беше направена проценка на потребите на компанијата и подготвен е акционен план за интернационализација, вклучувајќи советодавни и партнерски услуги. Спроведувањето на акциониот план овозможи значително забрзување на интернационалниот раст на компанијата, преку наоѓање на бизнис партнери во Шпанија и Италија и воспоставување на значајни деловни контакти со учество на Texworld, водечки саем од областа на текстилот и модата што се одржува во Париз, и на Саемот Grand Sourcing 2017 во Кореа. Дополнително, компанијата имаше можност да ги унапреди своите вештини преку дедицирани активности на програмата за градење на капацитети.

Благодарение на Enterprise Europe Network добив огромна помош да создадам меѓународни партнерства во Европа. Иако побарав еден совет, добив цел пакет на услуги што ги надмина моите очекувања“ – изјави македонската дизајнерка.