Нов проект: Европска мрежа на ментори за жени претприемачи во Македонија (new-MENTOR)

new_mentor-LOGO_grey

Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување во конзорциум со четири партнерски организации од Македонија, Фондација Бизнис Старт ап Центар (БСЦ) Битола, Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење, Фондација Евро Центар, Свети Николе и Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија започна со имплементација на проектот Европска мрежа на ментори за жени претприемачи во Македонија (new-MENTOR).

Проектот new-MENTOR се фокусира на воспоставување на национална мрежа на ментори за жени претприемачи во Македонија и помош на жените претприемачи успешно да ги надминат предизвиците во првите години од работењето на нивните бизниси. Поддршката на развојот на женското претприемништво во земјата земајќи ги предвид специфичните карактеристики на бизнисите раководени од жените претставува стратешка цел на проектот.

Проектот е насочен кон поддршка на женското претприемништво преку креирање на национална мрежа на ментори како дел од Европската мрежа на ментори за жени претприемачи (European Network of Mentors for Women Entrepreneurs).

Проектот е финансиран од Програмата за конкурентност и иновации на Европската унија и ќе трае до 2013 година.
Сите информации за активностите во рамките на проектот ќе можете да ги најдете на веб страницата на проектот која ќе биде активна од крајот на  месец септември 2011 (newmentor.mk).