УСПЕШНА ПРИКАЗНА – Постигнато стратешко партнерство за пристап до европските истражувачки програми со поддршка на Enterprise Europe Network

ИКТ секторот е еден од главните контрибутори кон иновациите и растот како на македонската така и на севкупната европска економија. Но воедно овој сектор се соочува и со низа предизвици, вклучувајќи ја и потребата за интензивирање на развојно-истражувачките активности на компаниите.

Една од компаниите во Македонија која своето работење и конкурентска предност ги заснова токму на развој на иновативна решенија е 4Virtus, компанија развивач на софтвер со експертиза во областа на веб решенија, мобилни апликации, „Интернет на нештата” решенија и дигитални маркетинг услуги. 4Virtus со добиени повеќе интернационални награди и признанија изминатите години, веќе се етаблира како пример за иновативна и успешна ИТ компанија во Македонија. Заради понатамошно искористување на иновативниот потенцијал и зголемување на активностите на странски пазари, 4Virtus е ценет клиент на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, една од 600те членки на најголемата мрежа за поддршка на МСП присутна во 66 земји – Enterprise Europe Network (http://een.ec.europa.eu/).

„Ние им помагаме на МСП при комерцијализацијата на нивните иновативни решенија преку советодавни услуги, барање на странски партнери и пристап до програми за истражување и развој” – објаснува Александар Филипоски од Enterprise Europe Network во Македонија. На клиентите на мрежата им се нудат бројни услуги за поддршка вклучувајќи асистенција за учество во ЕУ проекти, посредување при наоѓање на странски деловни партнери за бизнис соработка, трансфер на технологии и истражувачки проекти, како и организирање на едукативни и б2б настани.

4Virtus со поддршка на мрежата во октомври 2015 година зеде учество на Брокерскиот настан SICILY4EXPO во Милано, Италија каде што оствари бројни средби со компании од различни делови на Европа. Една од компаниите беше и PFM SRL, италијанска компанија што делува на полето на е-учење, технологии за управување на знаење и семантички веб сервиси. Нивната средба во рамките на настанот беше само почеток на она што денес израсна во стратешко партнерство за пристап до европските фондови наменети за истражување и развој на МСП. Без претходно искуство во дадената област, 4Virtus побара од италијанската компанија да го предводи процесот за подготовка на проект, вклучувајќи и креирање на тим на соработници, а со кој заедно аплицираа во рамки на МСП Инструментот како дел од Хоризонт 2020, најголемата програма за поддршка на истражувањето и развојот во Европа.

„Благодарени на Enterprise Europe Network добивме можност да најдеме нов стратешки партнер кој ни отвори нови хоризонти во работењето. Претходно не размислувавме и не бевме целосно свесни за можностите за пристап до нови меѓународни пазари со поддршка на програмите на ЕУ”, изјави Игор Христов, основач и директор на 4Virtus.