Преку Фондација МИР и Мрежата за поддршка на млади претприемачи до интернационални искуства

Една од клучните цели на Мрежата за поддршка на млади претприемачи (www.yes-network.org) е дисеминација на корисни информации за можности за јакнење на капацитетите на нејзините членови. Мрежата во најголем дел е составена од граѓански организации од територијата на Република Македонија кои работат во полето на младинското претприемништо, но и останати членови, меѓу кои претприемачи, стартапи, мали и средни претпријатија, образовни институции, единици на локалната самоуправа, други невладини организации, студенти, како и млади луѓе со претприемачки дух.

Покрај имплементирањето на годишните активности, како и локалното вмрежување, голем дел од членовите на мрежата се активно насочени кон реализација на трансфери на знаења и искуства, како и вмрежување во рамки на Европската Унија. Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување – партнер во рамките на Мрежата за поддршка на млади претприемачи и искусна организација во полето на имплементација на интернационални проекти поддржани од Унијата, ја унапреди платформата со лансирање на првата успешна приказна за размена и јакнење на капацитетите на член на мрежата, во соработка со европски партнери.

Имено, станува збор за учество на претставник на Фондацијата за Претприемачки Сервис за Млади на 10-дневната обука „ЕCO-OIKOS: Можности за одржлив развој“, каде околу 30 претставници од 9 земји истражуваа и разменуваа различни концепти на одржлив развој на заедницата. Обуката беше реализирана во текот на летниот период во Молфета, Битонто и Бари во јужниот дел на Италија, во склоп на програмата Еразмус+, поддржана од Европската комисија. Учесниците – претставници на граѓански организации чии активности на различен начин се преплетуваат со концептите на одржлив развој, имаа прилика да ги презентираат и објаснат своите пракси и да дискутираат можности за идна соработка. Ви ги пренесуваме нивните изјави:

„Иницијативата ECO-OIKOS за мене претставуваше исклучително искуство, поради можноста практично да набљудувам добри практики за одржлив развој и да се поврзам со други креативни млади луѓе од различни земји од Европската Унија, со кои започнавме да разговараме за потенцијални идни соработки уште за време на настанот. Највпечатливи беа посетите на фабриката за рециклирање на органски отпад Tersan, презентацијата на граѓанската иницијатива Slow Food и решенијата за одржлив транспорт. Исто така, навистина корисни беа практичните работилници за иновативни и широкоприменливи решенија за рециклирање на хартија, пластика и други типови материјал во кои земавме активно учество. Како претставник на Фондацијата за Претприемачки Сервис за Млади – проектен координатор на Мрежата за поддршка на млади претприемачи, имав прилика да ја претставам платформата за вмрежување, проектите кои ги имплементираат нашите соработници, а се поврзани со одржливиот развој, како и проектите за социјално претприемништво – дел од проектниот фокус на Фондацијата.“

Оливера Аритоноска, ПСМ Фондација, 29 години, Македонија

 „Дознав за Мрежата за поддршка на млади претприемачи преку презентацијата на Оливера. Јас работам во полето на подигнувањето на свеста за одржлив развој преку граѓански активизам. Сметам дека вниманието на младите луѓе треба да биде насочено кон важните проблеми со кои се соочуваме, со цел да се инспирираат да станат активни протагонисти за подобрување на нашиот однос кон средината, работата и кон сограѓаните со цел подобра иднина за сите. Би сакале да воспоставиме соработка со Македонија за иден проект за одржлив развој преку иновации и претприемништво, што планираме да го аплицираме на следниот повик за програмата Еразмус+ во 2016 година. Контактите преку мрежата ќе бидат добредојдени за воспоставување комуникација со релевантни партнери.“

Валерио Д’Aмичи, Бриндиси, 28 години, Италија

„Работам на многубројни проекти за развој на руралното претприемништво во неколку региони во Шпанија. Мрежата за поддршка на млади претпримачи и Фондацијата за Претприемачки Сервис за Млади претставуваат идеален партнер за развој на иновативни проекти за придонес кон одржливиот развој преку претприемништвото. Се запознав со неколку пракси и проекти од регионите на Македонија и водевме неколку креативни дискусии за идна соработка кои сметам ќе ги реализираме во најскоро време. ECO-OIKOS беше една одлична прилика да дизајнираме интернационални концепти за одржлив развој што би ги имплементирале преку нашите платформи.“

Јуан Пабло Перез Гомез, Сенде – рурално претприемништво, 36 години, Шпанија

Мрежата за поддршка на млади претприемачи, заедно со проектните партнери ќе продолжи со интернационализација на активностите со цел да се понудат нови можности за соработка и вмрежување за членството, како и да ja зајакне платформата со цел унапредување на младинското претприемништво и други поврзани области, како што е одржливиот развој.